ЗДРАВО
Јас сум Надица — патничка меѓу планините и световите, учителка по јога асани и постојана ученичка на животот.
Од рана возраст спортот беше мојот природен јазик – оној што ме научи на дисциплина, посветеност и радост. Особено ме интересираше еден натпис во книгата „1000 Зошто – 1000 Затоа“, напишан со големи букви: ВО ЗДРАВО ТЕЛО, ЗДРАВ ДУХ…
Почетоците
1982 ми е годината на раѓање овој живот, во семејство на многу добри и скромни родители, во дом каде спортот секогаш беше присутен. Детството ми помина активно – на точак, со маалски игри, баскет и фудбал, кампувања на Љубаништа, викенди на езеро Треска и секогаш по некоја нова лузна и на колената и лактите. Во 1992 година се запишав на ракомет во ЖРК „Ѓорче Петров“. Сакав да тренирам фудбал, но немаше клубови за девојчиња.
Спортските години
Во 1999 година бев дел од младинската репрезентација на Македонија и настапивме на Европскиот олимписки младински фестивал во Данска, каде го освоивме 4. место. Тоа беше период исполнет со големи соништа и школа за дисциплина и тимска работа, за победи и порази. Активно тренирав до 2005 година во ЖРК „Олимпик“.
По средното училиште во Корчагин и дипломирањето на Економскиот факултет (2004), решив да продолжам во спортската насока, но на поинаков начин. Од 2008 до 2023 година работев во трите најголеми спортски центри во Скопје – „Форца“, „Борис Трајковски“ и „Јане Сандански“, во областа на менаџмент, организација на настани и маркетинг. Во 2017 се сертифицирав како European Handball Manager во Келн, Германија – што ми го заокружи циклусот на доедукација и професионален ангажман во областа на спортскиот менаџмент. Последната официјална работна позиција ми беше во Олимпискиот комитет на Македонија.
Патот кон јогата
Секогаш, паралелно со целиот овој спорт, постоеше уште еден потивок повик – желбата да разберам „што има позади“. Зад физичката сила, зад движењето и амбицијата за побрзо, повисоко, посилно. Таа љубопитност ме доведе до јогата. Интересот за духовност и јога започнаа поактивно да ми се будат во 2004 година.
Првите чекори беа скромни – фотокопирани страници од „Јога за свакога“ од Јасмина Пуљо и „Јога сутрите“ со коментари на Таимни, напишани на машина за чукање. Се приклучив на една духовна заедница каде практикувавме хата јога, медитации, пеење мантри, хаику поезија, карма јога, кундалини и тантра јога, духовен спорт. Тогаш јогата беше реткост, а за многумина мистерија. Тоа беше време кога ваквите теми беа ретки и често погрешно разбрани – но токму таму се роди љубопитноста за тој свет која ме води и денес. За мене таа нова димензија беше откритие.

Од 2004 до 2010 година практикував пилатес и јога, а од 2006 год. водев и групи за пилатес-јога часови во СЦ „Јуниор“ и „Love Your Body“
Меѓу 2010 и 2016 година, експериментирав и учев различни системи – хата јога, тибетански ритуали, таи-чи чуан, чи гонг. Секој од тие пристапи ми покажа поинаков начин да се движам, да дишам, и да бидам во контакт со себе. Тоа беа години во кои се обидував да го најдам вистинскиот спој помеѓу телото и умот, дисциплината и присутноста.
Во 2016 година ја открив Аштанга јогата – истовремено и динамична и медитативна. Таа стана моја секојдневна пракса и место каде што физичкото и духовното конечно се сретнаа. Следната година (2017) ја завршив обуката за инструктори од 200часа, а од 2018 година редовно држам часови по Аштанга винјаса јога. 2018-2020 Inside Yoga, 2020-2022 online, 2022 јануари-март Kensho, а во септември 2022 станав дел од тимот на Pure Yoga Studio, каде предавам и денес.
Со годините, тоа што започна како физичка пракса стана патување кон себе – начин да се слушне телото, да се смири умот и да се отвори срцето.
Учители и обуки

Од „формалните“ аштанга јога учители кај Неда Коцарева ја завршив обуката, редовно посетувам два пати годишно часови кај Давид Векселман во Лајпциг, посетував интензивен курс со Ашиш Кумар, викенд работилници со Бјанка Оливеира, Катрина Мукина. Низ годините имам проучено безброј видеа и предавања со Ричард Фриман, Мери Тејлор, Грегор Маехле, Еди Стерн, Давид Робсон, Јелена Весиќ, Мати Езрати и други. Многу саати лична пракса низ овие скоро 10 години, практикувајќи 4-5 пати неделно. И книги и записи кои секогаш одново ги препрочитувам. „Неформалните“ учители и инспиративни луѓе ги наоѓам постојано околу мене.
Природата како водилка
Низ годините спортот доби нова форма надвор од спортските сали. Љубовта кон авантурите и движењето продолжи низ планините и шумите. Возев велосипед низ многу диви предели на Македонија, а во 2013 година бев дел од македонската Tour de France експедиција кога возевме низ француските Алпи и гледавме етапи од големата трка во Франција, авантура која остана длабоко запишана во мене. За тоа патување беше снимен и документарецот „Слобода на две тркала“ кој се прикажуваше на фестивалот ЕХО (2015).

Од 2019 година активно планинарам и ги имам посетено скоро сите планини во Македонија, и делумно во Грција, Бугарија и Словенија, а во 2024 година ја завршив основната обука за алпинизам и качување на сува карпа и сум активен член на АК „Скопје“.
Во Индија не отидов, но планините, карпите, шумите и реките за мене лично се најголемите „храмови“ каде може да се медитира.
Денес
Јогата е моето секојдневие. Практикувам редовна асана пракса и медитации, а јогата ја наоѓам и во најмалите едноставни моменти на денот, секунди свесност кога умот барем за малку запира и се чувствува восхит за животот. Јогата и интересот за духовност, будизам, суфизам, квантна физика, психологија, уметност и философија, филмови и музика, спојот меѓу науката и мистичното е она што ме води низ годините.
Секоја пракса – било физичка, ментална или духовна е само различен облик за потрага по вистината. За на крајот да увидиме дека кон Вистината нема пат
МОЈОТ СВЕТ
Има простор позади мислите каде има една тишина и длабоко присуство и свесност за сѐ околу нас. На јога часовите се обидувам да ја донесам таа ширина и на крајот да си заминеме сите со чувство на мала магија која ни се случува додека го делиме тој простор заедно. Времето да престане да постои за кратко, да се избистри челото и да се поздравиме на крајот со насмеани очи